НА АМЕРИКАНСКИОТ КОЛЕЏ ВО СОЛУН Фонд во чест на студентот Борјан ТаневскиПрвпат оваа признаена институција формира фонд, и тоа во чест на еден студент, талентираниот скопјанец Таневски, кој почина од ретка болест а ќе остане запаметен како прекрасна личност и како брилијантен студент на овој универзитетВо Американскиот колеџ во Солун вчера беше
промовиран меморијалниот фонд "Борјан Таневски", основан
во јуни, во чест на македонскиот студент Борјан
Таневски, кој почина во март годинава, од ретка болест,
а ќе остане запаметен како прекрасна личност и како
брилијантен студент на овој универзитет.
Парите од Фондот се наменети за стипендија, која ќе се доделува еднаш годишно, на победникот на конкурсот за есеј на тема од балканските односи и проблемите во Југоисточна Европа. На конкурсот, кој првпат ќе биде распишан есенва, ќе се натпреваруваат најдобрите студенти од овој колеџ. Целта на конкурсот и на Фондот е да се поддржат идеите на студентот Борјан Таневски, за мир и соработка во Југоисточна Европа, на кои тој сакал да им го посвети својот живот и кариерата. Ова е првпат колеџот да формира фонд и тој да биде во чест на студент. Борјан бил студент за пример, со големи лидерски способности, елоквентен и духовит, честопати наградуван, капитен на одбојкарскиот тим. Студиите ги завршил лани со највисок успех, но за жал, ретката форма рак на коски од која заболел ги покосила сите надежи на овој млад живот. Негово главно поле на интерес биле европските интеграции. Бил примен на постдипломски студии на реномираната Лондонска школа за економија и политички науки (ЛСЕ), како и на Колеџот на Европа во Натолин, Бриж, Белгија. Во дворот на универзитетот во Солун е засадено дрво и е поставена спомен-плоча, која потсетува на овој извонреден талент. Во чест на Борјан вчера во колеџот во Солун повторно се собраа неговите професори, родителите и пријатели. Фондот го промовираше потпретседателката на Владата, Радмила Шеќеринска, која по тој повод на колеџот одржа предавање за балканската соработка. - Нема подобар начин да се сеќаваме на овој студент од овој, преку Фондот, кој ќе им помага на другите студенти - рече Шеќеринска. Меморијалниот фонд е основан по иницијатива на професорите од Американскиот колеџ. - Ова е голем гест спрема нас и спрема Борјан. Наградата од конкурсот ќе се доделува на 27 април, на роденденот на Борјан. Претходно, есенва, ќе се распише конкурсот. Од победникот се очекува не само да знае да пишува, туку и да може да се ангажира на полето за кое пишувал, да биде сестрана личност. Победникот ќе се избере по интервју со тројцата најдобри кандидати. Се предвидува тројцата да дојдат во Скопје и да бидат модератори на работилници на темата од конкурсот - вели таткото на Борјан, д-р Јосиф Таневски. Во жирито за избор на најдобриот есеј ќе биде и професорката Мирјана Малеска од скопскиот Универзитет. Се очекува првата награда што првпат ќе се додели в година да не биде помала од 1.500 евра. Понатаму наградата би изнесувала и до 5.000 евра, во зависност од висината на донациите. Досега на сметката на Фондот стасале околу 15.000 евра од повеќе европски фирми. Се очекуваат донации и од македонски и од грчки фирми и институции. Повеќе за Фондот "Борјан Таневски" може да се прочита на веб-страницата http://www.borjan.net/. Биљана Илиќ
Линк до статијата во Утрински весник
|
Остеосарком - малиген тумор
Нови содржини
|