Последните говори до БорјанБиографски податоциСе разделуваме од нашиот другар и навираат спомените од нашето дружење, заеднички школски и студентски денови. Не живееше долго, но има многу да се каже за неговата личност и неговиот живот. Гимназија учи во Никола Карев со одлични резултати, многу шега и шарм, на часовите и по нив. Престојот како дете во Алжир го правеше да биде уште позабавен со познавењето на арапскиот и францускиот јазик. Неговиот дух се гледаше на секоја дискусија во која учествуваше со многу жар и темперамент. Стана претставник на Унијата на Средношколци каде ги бранеше интересите на својата генерација. Учествуваше на три Меѓународни конференции на европските средношколци (OBESSU), во Амстердам, Пиза и Лихтенштајн, со што го започна својот сопствен пат по Европа. Не ги криеше своите амбиции дека сака да студира во странство. Го одбра Американскиот колеџ во Солун каде со други Македонци го афирмираа нашето школство и интелектуалните потенцијалите на нашите ученици.> Студираше четири години завршувајќи со одличен успех и со пофалби од Деканот. Неговиот врвен успех беше доказ за неговите силни потенцијали, за неговиот ангажман во учењето, за неговите амбиции... Тој беше почитуван соговорник на сите професори за време на наставата и потоа. Професорите кои посебно ги ценеше беа и негови пријатели како проф.Милер, проф.Цорбацоглу, проф.Кавакас и други. Го ценеа во дебатите бидејќи дискутираше аргументирано, со луцидност, интелигентно, со европски дух и незаменлив смисол за хумор. Спсртот беше една од неговите најмили страсти, а одбојкарскиот тим на Американскиот колеџ во Солун во него го имаше средниот блокер и капитен. Научи да зборува и грчки јазик што му овозможи да стекне пријатели меѓу грчките колеги и подобро да се социјализира во таа средина. По четири години престој во Солун во колеџ со студенти од сите земји на Балканот, ги почувствува разликите и сличностите на балканските нации и сакаше да го шири духот на разбирање и толеранција. Македонија ја сакаше над се, посакуваше нејзино место во Европа што побргу. Сонуваше да биде еден од актерите што ќе ја внесат Македонија во Европската Унија. Во раната пролет 2002 се осмели да конкурира на Харвард, но не беше примен заради немање работно искуство. Малку подоцна конкурираше и го примија на постдипломски студии на London School of Economics, каде критериумите за влез се многу високи. Бараше и друга можност и конечно се запиша, со стипендија на белгиската фондација на Кралот Бодуен, на Колеџот на Европа во Натолин и Бриж. Пред да дипломира веќе го имаше средено почетокот на постдипломските студии со што неговиот пат низ европските центри беше отворен. Веднаш по дипломирањето учествуваше на семинарот во Љубљана "Младата храбра Европа" каде беа собрани видни функционери на Европската Унијата и млади интелектуалци за да дискутираат за иднината на Европа. После семинарот со сите учесници ги продолжи контактите, надевајќи се на трајни пријателства со своите идни колеги. Во кафе баровите што ги посетуваше сигурно ќе се споменуваат неговите шеги и шармантни досетки. Своите први боемски вечери ги минуваше во АХА, знаејќи, како што тој умееше да каже, да и пркоси на ноќта. Неговото присуство беше привилегија за секого. Многу девојки извесно време ќе си спомнуваат за него, а некои ќе го паметат и цел живот. Имаше шарм на современо момче што сака искрено и длабоко. Секогаш ведар, одмерен, пријатен. Пленеше со едноставност, шарм, со насмевка и со хумор, но и со познавањето во сите области, со сестраност, со далекувидост. Неговите исклучителни лидерски способности, другарите ги препознаваа во пристапот, преку кој ги стимулираше да се стремат кон највисоките интелектуални цели. Таа, можеби највредна, незаменлива улога во нивната екипа му припаѓаше нему. Во август 2002 го прослави своето дипломирање со своите цимери и 100 гости. Тоа беше последната радост на Борјан. За жал, на денот кога требаше да отпочне со постдипломските студии, беше хоспитализиран. После тоа суровата болест ги сруши сите негови надежи. Сепак, се бореше со најголема упорност, сакаше да биде со другарите и другарките, не се предаваше до последен здив. Загубата на Борјан е голема за неговите родители и сестрата Винка, но тие се горди што имаа син и брат, со таков дух и карактер што ги пленеше сите. Ние, другарите и другарките загубивме драга личност и лидер кој не обединуваше, мотивираше, расположуваше. Тагата на сите присутни е голема, а загубата не може да се надомести. Тој беше посебен, единствен, со еден збор прекрасен. Вечно ќе го носиме во нашите спомени. Нека му е вечна слава! Говорот на другаритеСедиме собрани како пред твојот роденден, како да треба да напишеме посвета, како да ти смислуваме поклон. Само што веќе никој не се смее. И само што за прв пат сите стоиме неми. Денес не пишуваме посвета за твојот роденден. Денес ти пишуваме посмртен говор. Никој не знае што се случи и што се случува. И никој не знае зошто. А и кому да го поставиме тоа зошто. Стоиме изморени пред поразот што ни ги искрши срцата и што ни ги исцрпи душите. Затоа што борбата за твојот живот ја водевме сите. Сега сфаќаме дека таа борба не се добива или губи по бројот на нашите куршуми и нашата волја… Дека на нашето зошто не постои затоа. Во оваа битка ја изгубивме смислата и пред се те изгубивме тебе. Сакаме толку многу да напишеме, да ти кажеме. Сакаме да биде убаво, да биде од душа, а тешко ни е. Затоа што се што може да се стави во зборови е безобразно малку во споредба со она што ти го заслужуваш. Кој може со зборови да го опише твојот дух. Тоа жарче што го направи нашето друштво толку убаво. Таа искра што ги направи сите одмори толку весели, сите обични кафиња упадливо различни. За твојот дух не можат, не само нашите зборови, туку ни нашите солзи. Во таа битка ти остануваш апсолутен победник. Остануваат твојот оган и твојот ветар во секој од нас. Твоите најверни другари и другарки Те сакаме Борјан, ќе те сакаме и утре. И секој ден бесконечно многу ќе ни недостигаш. Говорот на проф. МилерСкопје, 24.03.2003 Борјан Таневски [Се извинувам што не можам да ви се обратам на Македонски и се надевам ќе можеме да комуницираме на англиски ] Борјан Таневски започна со студии на Американскиот Колеџ во Солун есента 1998, пред четири и пол години. Прв пат се запознавме кога ги посетуваше моите часови по Вовед во философијата и веднаш бев погоден од тоа колку беше паметен, бистар и концентриран во неговите размислувања. Борјан навистина беше секогаш комплетно присутен на часовите, оставаше впечаток дека има посилна светлина што гори во неговиот ум. Беше задоволство да му се предава. По некое време почнавме да разговараме по часовите и, покрај другото, го прашав Борјан за неговото мислење за "македонското прашање" - нешто што беше многу дебатирано во тоа време. Кога овој студент од прва година ми го објасни проблемот, сфатив колку длабоко беше неговото размислување, и колку беше на страна од лесноумен национализам. Зборувајки со колегите, постојано слушав: "Ах, Борјан Таневски, тој е нешто посебно". Борјан оставил импресии кај сите професори кои имаа среќа да му предаваат, ова посебно се однесуваше на професорите од социјални и политички науки, кои претставуваа негов најголем интерес. Сретнувајќи го Борјан по часовите, почнав да ценам дека тој не беше само обичен солиден студент, туку човек со топло срце, полн со радост и со голем смисол за хумор. Треба да додадам дека запознавајки го блиското семејство на Борјан, сфатив дека не е случајност тоа што се оформил таков син - во таква средина на топлина и едуцирана интелегенција се формираат такви карактери. Кога Борјан се интересираше за пост-дипломски студии, доби понуда од London School of Economics, веројатно најдобриот универзитет за политички науки во Европа. Деканот на Американскиот Колеџ во Солун и јас напишавме специјално писмо со референци за да ја поддржиме неговата апликација за стипендија и не само што ја искажавме нашата сигурност дека Борјан ке биде одличен во своите пост-дипломски студии, туку и дека очекуваме тој да игра важна улога за иднината во неговата земја, а можеби и во регионот. Борјан беше на пат да стане лидер, лидер кој работи за мирот и разбирањето на Балканот, и се надевам дека може да продолжиме да работиме во негов дух. По повод неговото дипломирање минатото лето, Борјан ми подари книга за неговата родна земја - Македонија, во која напиша: "На д-р Милер, за помошта и поддршката за време на моите студии, и за нашето пријателство. Борјан Таневски, 25.06.2002" - неизмерно тешко е што нема повеќе да го развиваме нашето пријателство понатаму, но истовремено сум навистина горд и благодарен што ја имав таа привилегија да го познавам Борјан. Збогум Борјан, ќе останеш засекогаш во нашите срца. Д-р Винсент К. Милер |
Остеосарком - малиген тумор
Нови содржини
|